Будим, град на ридот, ја набљудува Пешта, која се наоѓа во низините и ја творат уникатната Будимпешта во прегратките на Дунав
Заедно како украс на реката Дунав и го добиваат статусот престолнина на Унгарија. Доаѓајќи во овој град, дознавме дека претрпел многу војни, владетели, режими, но сепак ја зачувал својата специфичност. Градот Будимпешта во прегратките на Дунав зрачи со убавината на градбите и знаменитостите во кои има мешавина на архитектонски стилови.
Официјална валута е форинтата, а јазикот е многу неразбирлив , како што велат, најмногу е сличен на финскиот бидејќи припаѓа на угро-финска група. Унгарците слабо или воопшто не го разбираат англискиот јазик.
Будимпешта во прегратките на Дунав има девет прекрасни мостови кои имаат посебна приказна секој за себе. Од нив, посебно се истакнуваат мостот со гигантските лавови, мостот на кралицата Елизабета или мостот на слободата. Тие се особено убави ноќе со светла што се протегаат по должината на мостовите, а боите се рефлектираат во ладна вода на Дунав. Плоштадот Големиот Херој е опкружен со Музеј на современа уметност од една страна, и Музејот на ликовните уметности од другата страна. Кралевите имале сопствен комплекс лоциран во Будимскиот дворец, кој подоцна бил оштетен во освојувањата. Тој, заедно со најстарата подземна железница во Европа и Андрашевата авенијата , станаа светско културно наследство на УНЕСКО. Најубавиот поглед на градот е Рибарскиот замок составен од седум кули кои ги претставуваат седумте унгарски племиња.
Најпознатиот симбол на Будимпешта е Унгарски парламент, втор по големина во Европа. Зградата на Парламентот има вградено во себе 40 килограми злато, седумстотини прозорци, и цела годината има скеле за чистење околу објектот. Базиликата на Св. Стефан има иста висина од 96 метри како Парламент. Особено ја нагласуваме Синагогата, која е втора по големина во светот.
На секој агол можете да ги пробате традиционалните јадења како што се паприкашот, гулашот и да се купи сувенир во облик на црвена пиперка. Унгарците градат култ кон слатките и тоа го потврдува познатата слаткарница “Жербо”.
Будимпешта не е чист и уреден град, а метежот во сообраќајот го дополнува лошиот впечаток. Многу бездомници, пијат алкохол или спијат по улиците на градот,пред влезовите на зградите и институциите. Унгарците имаат главно светли очи и уживаат во алкохолот. Трговските центри се дел од градот, опремени се со светски брендови по доста поволни цени.
Сите убавини на градот се мултиплицират со ноќните крстарење, бидејќи архитектурата на зградите и бојата на светлината со која се осветлени се рефлектира како во некое волшебно огледало на површината на мистичниот Дунав.