Јахорина – планина во општината Пале во Република Српска, БиХ, која му припаѓа на Динарскиот планински систем. Највисокиот врв на Јахорина е Огорелица со 1916 m надморска висина. Во лето е прекриена со густа зелена трева, а во зима со снег висок и до 3 m. Јахорина се простира од 43°39′ до 43°47′ северна географска ширина, и од 18°31′ до 18°43′ источна географска должина.
Извонредната конфигурација на теренот, обилноста на многу квалитетен снег, погодната клима, 20 km патеки за алпски дисциплини како и благите падини (Рајска долина) ја ставија оваа планина меѓу најубавите и најпознати ски-центри.
Просечниот број на денови со снежен покривач на Јахорина е 175, и тоа од октомври до крајот на мај. Десетгодишниот просек на висина на снежниот покривач во февруари изнесува 106 cm.На XIV Зимски олимписки игри во Сараево, на Јахорина се одржани алпските дисциплини за жени.Од Сараево, Јахорина е оддалечена 30 km, а од Пале 15 km.
Јаворина е оригиналниот назив на планината Јахорина. Името го добила по планинскиот јавор (лат. acer heldreichii), оваа планина е најсеверно место каде што истиот егзистира. Огромните стебла на јавор се природна атракција.
Името Јахорина се востановило за време на турското ропство кога буквата В е често менувана во Х. Денес во источно Сараево постои здружение на граѓани како што се женскиот хор Јаворина и планинарското друштво Јаворина во Пале, што зборува за свесноста за оваа состојба.
Убавината и уникатноста на Јахорина ќе пробаме да ви ја доловиме и со фотографии од неколку хотели од многуте со кои располага ски-центарот Јахорина и за подетални информации за секој хотел ќе можете да се информирате овде.